На вашето дете му е потребна вашата помош во првите години од животот. Во раното детство, на вашето дете му е потребна поддршка за да може да расте и да се развива соодветно. Балансираната исхрана му помага да биде здраво.
1. Не откажувајте се кога одбива храна
Не плашете се да воведете нова храна во исхраната на вашето дете, дури и ако ја одбива. Нашите истражувања покажуваат дека повеќето деца прво мора да пробаат нешто ново од седум од десет пати пред да им се допадне..
Можете да го убедите детето да проба нова храна така што ќе му кажете дека ќе порасне големо. Друго решение е да го одведете со вас на купување и да му дозволите само да ја бира здравата храна која ќе се служи дома.
2. Научете го кога да престане
Децата имаат способност да престанат кога се сити. Меѓутоа, на родителите им е тешко да сфатат дали детето доволно јадело или не..
Од таа причина, морате да го научите да каже кога е сито. Научете го да го „слуша“ својот стомак и самото да си постави прашање, како на пр.: „Дали ми е полн стомакот?“,
„Можам ли уште да јадам од овој бисквит?“. Така ќе сфати кога е сито, а вие можете да верувате во неговата одлука.
3. Бидете креативни
Сите живописни бои на овошјето и зеленчукот потекнуваат од природните материи на растенијата. Секоја боја има специфичен ефект врз телото, па затоа е добро на детето секој ден да му се дава разнобојна храна. Воведете ужинки полни со бои и привлечни форми за да ја направите храната да биде поинтересна.
4. Навикнете го да јаде полека
Препораката е да се јаде полека на која било возраст. Потребни се 20 минути за пораката која е испратена од желудникот, како што е ситост, да стигне до мозокот. Колку и да сакате детето да го заврши оброкот за неколку минути, многу поважно е да научи да јаде полека и правилно да ја џвака храната.
5. Забавувајте се во кујната
Децата се спремни да јадат ако учествуваат во подготовката на храната. Забавувајте се во заедничкото готвење. Дозволете им да бидат во кујната и да ви помагаат во извршувањето на обврските. Додека растат, нека ја користат фантазијата и нека готват за себе. За време на училишниот распуст можете да се запишете на курсеви за готвење за да ја развиете „готвачката“ способност.
6. Јадете заедно
Примамливо е да се јаде пред телевизорот или да се касне ужина во движење, но овие навики не влијаат позитивно ни на вас, ни на вашето дете. Охрабрете го детето да јаде редовни оброци. Јадете во кругот на семејството, секогаш кога тоа е можно.
7. Одгледувајте сопствена градина
Одгледувањето зеленчук и ароматични билки дома е забавен начин да го научите вашето дете да јаде здрава и разновидна храна. Детето ќе биде во поголемо искушение да проба морков ако учествува во неговото садење и одгледување. Дури и ако не живеете во куќа, можете да изберете билки кои може да се одгледуваат во стан.
8. Научете го детето да пие вода
Мотивирајте го детето да пие вода за време на оброците, а соковите и засладените пијалоци оставете ги само за моменти на разонода. Иако сокот содржи хранливи состојки кои на телото му даваат енергија, децата треба пред сѐ да пијат вода.
9. Бирајте здрави ужинки
Кога детето бара ужина, најлесно е да му дадете кесичка чипс, но овие грицки обично се сиромашни со хранливи состојки. Воведете здрави грицки како овошје, јаткасти плодови, несолени семиња или едноставно јогурт.
10. Не прескокнувајте го појадокот
Појадокот ги полни батериите за цел ден. Дури и ако се состои само од овошје и чаша млеко, тоа ќе ви помогне да ја одржите енергијата скоро цел ден. Појадувајте со детето, на тој начин тоа ќе ја прифати оваа здрава навика и ќе ја задржи за цел живот.
Дали вашето дете има урамнотежена исхрана?