Во третиот квартал, глобалниот органски раст достигна 4 отсто, додека работењето на компанијата во Србија забележа раст од 17 отсто.
Вевеј, 22 октомври 2026 година – Компанијата Nestlé, глобален лидер во индустријата за храна и пијалaци, ги објави деловните резултати за првите девет месеци од 2026 година.
• Органскиот раст на продажбата на глобално ниво изнесуваше 3,7 отсто, со реален интерен раст (RIG) од 1,9 отсто и раст на цените од 1,8 отсто.
• Вкупната продажба достигна 65,9 милијарди швајцарски франци, на ниво на истиот период од претходната година. Негативното влијание на курсните разлики изнесуваше 3,7 отсто.
• Во третиот квартал, органскиот раст изнесуваше 4 отсто, додека реалниот интерен раст се забрза на 2,8 отсто, со позитивни резултати во сите географски зони и глобални деловни сегменти.
Анализирајќи ги деловните резултати, Филип Навратил, извршен директор на компанијата Nestlé, изјави: „Доследното спроведување на нашите деловни планови придонесува за посилен раст. Реалниот интерен раст (RIG) беше позитивен во сите географски зони и глобални деловни сегменти, а во третиот квартал достигна 2,8 отсто, со што продолжи трендот на подобрување на резултатите од претходните квартали. Договорот за продажба на нашето работење во сегментот на витамини, минерали и додатоци во исхраната наменети за широкиот пазар претставува уште еден важен чекор во насочувањето на нашето портфолио кон областите во кои имаме најголема конкурентска предност.“
Навратил истакна дека компанијата, и покрај предизвикувачките пазарни услови, останува посветена на создавањето долгорочна вредност, доследното спроведување на деловната стратегија и остварувањето одржлив раст.
Nestlé Северна Македонија
„Nestlé Македонија оствари раст од околу 10 отсто во третиот квартал од оваа година, а за овие резултати најмногу придонесоа категориите кафе, кондиторски производи и портфолиото на Nestlé Professional наменето за HoReCa објектите.
Во овој период одбележавме и 20 години локално работење заедно со нашиот дистрибутер, купувачите и деловните партнери, а со голема гордост примивме благодарници од Ракометната Федерација на Македонија и Банката за храна на Македонија за поддршката и партнерството што нè поврзува.
Кога Nestlé започна со работа во Македонија пред две децении, амбицијата не беше на пазарот да се донесат само светски познатите брендови, туку и да се изградат долгорочни односи со потрошувачите, партнерите и локалната заедница. Од самиот почеток соработуваме со истиот дистрибутер, што е исклучителна реткост и најдобар показател за меѓусебната доверба. Денес Nestlé е присутен во продавниците низ цела Македонија со повеќе од 30 брендови и речиси 400 производи, вклучувајќи го портфолиото од категориите кафе, кулинарство и кондиторски производи, па сè до житарки и храна за домашни миленици. Но, тоа што е најважно е дека во текот на сите овие години Nestlé стана составен дел од секојдневниот живот на семејствата во Македонија. Низ годините растеше нашиот тим, како и бројот на иницијативи и области преку кои ја поддржуваме заедницата во која работиме и ја возвраќаме довербата на нашите потрошувачи“, изјави Марјана Давидовиќ, генерална директорка на компанијата Nestlé за Северна Македонија, Србија и Црна Гора.
Продажба на ниво на Група
Растот на работењето во третиот квартал го предводеа категориите храна за домашни миленици, прехранбени производи и грицки, со органски раст од 5,3 и 5 отсто. Категоријата кафе оствари органски раст од 3,4 отсто, додека категоријата флаширана вода и премиум напитоци забележа раст од 12,3 отсто.
На пазарите во развој, органскиот раст достигна 6,8 отсто, додека на развиените пазари изнесуваше 2,2 отсто. Електронската трговија продолжи со силен раст од 15,3 отсто во третиот квартал, а нејзиниот удел во вкупната продажба на Групата од почетокот на годината достигна 21,6 отсто.
Зона Европа
Во првите девет месеци од 2026 година, органскиот раст во Европа изнесуваше 2,2 отсто, со реален интерен раст од 0,7 отсто и раст на цените од 1,5 отсто. Вкупната продажба достигна 13,7 милијарди швајцарски франци.
Во третиот квартал, органскиот раст изнесуваше 1,2 отсто, со подобрување на реалниот интерен раст на 1 отсто. Најголем придонес за резултатите имаше категоријата храна за домашни миленици, додека подобрувања беа забележани и во категориите прехранбени производи и грицки.
Работење на компанијата Nestlé во Русија
По претседателскиот указ објавен во септември 2026 година, работењето на компанијата Nestlé во Русија беше ставено под привремена екстерна управа. Компанијата останува законски сопственик на имотот, но повеќе нема контрола врз работењето, поради што резултатите од Русија од крајот на септември не се вклучуваат во консолидираните финансиски извештаи на Групата.
Работењето во Русија учествуваше со приближно 2 отсто во вкупната годишна продажба на Групата, додека со престанокот на консолидацијата од билансот беше исклучен нето-имот во вредност од околу 1,6 милијарди швајцарски франци. Оваа промена не влијаеше врз резултатите од продажбата во првите девет месеци од 2026 година.
Изгледи за 2026 година
Компанијата Nestlé ги задржа прогнозите за 2026 година. Се очекува органски раст на продажбата во распон од 3 до 4 отсто, со забрзување на реалниот интерен раст во однос на претходната година. Се предвидува и подобрување на основната оперативна профитна маржа во споредба со 2025 година, додека се очекува слободниот паричен тек да надмине девет милијарди швајцарски франци.