Sort by
Sort by

Животински или растителни протеини: разлики и факти

Николета Тупита, стручен нутриционист во Nestlé România

Протеини од животинско потекло наспроти протеини од растително потекло
 

Протеините од животинско потекло се сѐ повеќе изложени на критика од следбениците на веганскиот и вегетаријанскиот начин на исхрана. Што се однесува до биолошкиот квалитет, и покрај тоа што растителните протеини се модерни, науката е понаклонета кон протеините од животинско потекло.

Протеини – „тули“ на организмот

Протеините како супстанции со голема важност можат да се наречат и „тули на нашето тело“ затоа што му се неопходни да се развива, да ја поправи својата структура, да формира нови структури, да се одбрани и да пренесе информации до нервниот систем.

Од макронутриентите, протеините се единствени кои имаат секундарна енергетска улога. Протеините обезбедуваат 4 kcal/g, исто како и јаглехидратите, но не се користат како извор на енергија во нормални ситуации. Телото користи протеини за да добие енергија, само во случај кога нема повеќе јаглехидрати или масти за покривање на енергетските потреби.

Протеините во храната се состојат од 20 аминокиселини. Аминокиселините се основни состојки на протеините. Тие можат да формираат стотици комбинации кои создаваат многу протеини. Во зависност од капацитетот на синтезата во организмот, постојат 3 вида аминокиселини:

  • есенцијални аминокиселини (кои не може да се синтетизираат во организмот, мора да се обезбедат преку храната);
  • неесенцијални аминокиселини (може да се синтетизираат во организмот);
  • условени есенцијални аминокиселини (кои не може да се синтетизираат во одредени физиолошки или патолошки услови).

 

Оценување на квалитетот на протеините

Светската здравствена организација (СЗО) и Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) препознаваат и поддржуваат голем број методи со кои се утврдува квалитетот на прехранбените протеини. Од резултатите од овие тестирања на протеини, може да се забележи дека животинските протеини имаат супериорен нутритивен квалитет, со оглед на тоа дека подобро се варат во организмот и содржат соодветно количество есенцијални аминокиселини. 

Количеството аминокиселини е еден од најважните критериуми според кој се одредува квалитетот на протеините. Протеините кои ги содржат сите есенцијални аминокиселини во сооднос кој му е потребен на телото, често се класифицираат како висококвалитетни биолошки протеини или целосни протеини. Генерално, животинските протеини се целосни протеини со висока биолошка вредност (протеини од јајца, млеко, месо).

Поголемиот дел протеини од растително потекло (од мешункасти плодови, јаткасти плодови и семки, житарици) се нецелосни протеини или делумно целосни, затоа што не ги содржат сите есенцијални аминокиселини или ги содржат во ограничени количини, па мора да се комбинираат со комплементарни протеини за телото да има доволно корист од количеството на сите есенцијални аминокиселини, кои се неопходни за ендогена синтеза на протеини. До денес, според веродостојните анализи и постоечките студии, се чини дека во сојата се наоѓаат целосни протеини од растително потекло

Кога станува збор за квалитетот на протеините од животинско потекло во споредба со растителните протеини, постојат различни гледишта. Во денешно време, кога вегетаријанството, веганството и флекситаријанската исхрана се сѐ поприсутни, сѐ повеќе се критикуваат протеините од животинско потекло. Во тој контекст, многу е важно да се согледаат постоечките научни методи за анализа на квалитетот на протеините, за да се направи најдобриот избор.

Препораките во врска со консумирањето протеини треба да бидат колку што е можно поперсонализирани. Прекумерното внесување протеини може да има долгорочни штетни ефекти. Современата исхрана на луѓето како сештојади, особено во развиените земји, обично содржи поголемо количество протеини од дневните потреби. Од друга страна, за одредени категории од населението, како што се спортистите кои професионално се занимаваат со спорт, децата или постарите лица, внесувањето повеќе протеини со висок квалитет е неопходно за развојот или одржувањето на мускулната маса и другите органи и ткива.

Полемики околу видовите протеини

Иако протеините од животинско потекло имаат подобар квалитет од оние од растително потекло, ако се анализира количеството аминокиселини, во текот на последните години тие се занемаруваат во корист на протеините од растително потекло, особено, во корист на новите растителни храни (киноа, семе од коноп, разни други семиња итн.).

Недостатокот на протеините од животинско потекло е тоа што доаѓаат во пакет со други хранливи материи кои можат да претставуваат ризик по здравјето ако се консумираат во големи количини. Заситените масти се првата хранлива состојка која се поврзува со изворите на протеини од животинско потекло. Месото, млечните производи, па дури и јајцата, може да содржат големи количини заситени масти ако не се одберат внимателно. Поради тоа се препорачува посно месо, риба и обрано млеко, за да се обезбеди снабдувањето со есенцијални аминокиселини.

Ако ги погледнеме изворите на протеини од растително потекло, тие даваат корисни хранливи состојки, како влакна, незаситени масти, одредени изофлавони (соја). Поради тоа нивната хранлива вредност се цени повеќе од онаа на протеините од животинско потекло, и покрај тоа што тие и во идеален случај не ги обезбедуваат сите есенцијални аминокиселини.

Оптимален внес на протеини

Препорачаниот внес на протеини за возрасни е 10-15 % (најмногу 20 %) од вкупните калории. Од нив, половина мора да бидат од животинско потекло, а половина од растително потекло.

За возрасни лица кои не се занимаваат со спорт професионално, просечната потреба за протеини е 0,75 g/kg од телесната маса/ден. Потребата за протеини е поголема во текот на детството, за време на бременост и доење и кај професионалните спортисти..

Кога станува збор за изворот на протеини, рамнотежа е клучниот збор. За поголемиот дел од населението, половина од дневното количество внесени протеини мора да доаѓа од извори од растително потекло, а половина од извори од животинско потекло.


Референци:

  1. Graur Mariana, Водич за здрава исхрана (Ghid pentru Alimentatie Sanatoasa), издавач Performantica, Iasi, 2006
  2. Graur Mariana, Водич за здрава исхрана (Ghid pentru Alimentatia Sanatoasa) – совети за население, издание II, издавач Grigore T. Popa, Iasi, 2014.
  3. Hoffman J.R., Falvo M.J., Protein – Which is Best?, Journal Sports Science and Medicine, страници 118-130, објавено во септември, 2004.
  4. Alken K., Vegetarian Protein Is Just As ‘Complete’ As Meat, Despite What We’ve Been Taught, objavljeno u februaru 2018.
  5. Sarwar, G., The protein digestibility-corrected amino acid score method overestimates quality of proteins containing antinutritional factors and of poorly digestible proteins supplemented with limiting amino acids in rats, The Journal of Nutrition, страници 758-64, мај 1997.
  6. FAO, Report of an FAO Expert Consultation: Dietary protein quality evaluation in human nutrition, 2013.
  7. Rutherfurd, S.M., Fanning A.C., Miller, B.J., Moughan, P.J., Protein Digestibility-Corrected Amino AcidScores and Digestible Indispensable AminoAcid Scores Differentially Describe Protein Quality in Growing Male Rats, The Journal of Nutrition, novembar 2014.
  8. Harvard School of Public Health, Protein.