Sort by
Sort by

Видови деформации (искривувања) на ‘рбет

Видови деформации (искривувања) на ‘рбет
 

Кога зборуваме за стекнати (развиени со време) деформации на ‘рбет, важно е да ги имаме предвид следниве фактори:

- Деформацијата на ‘рбет не е грип и не поминува за недела или две. За лекување е потребно време, упорност и години интензивна и фокусирана работа!
- Деформацијата на ‘рбет не е нешто што детето ќе го надмине или што ќе исчезне само од себе.
- Деформацијата на ‘рбет е резултат на неправилно држање и мускулен дисбаланс.

Видови деформации на ‘рбетот:

СКОЛИОЗА – ДЕФОРМАЦИЈА НА ‘РБЕТНИОТ СТОЛБ КОЈА СЕ МАНИФЕСТИРА ПРЕКУ ИСКРИВУВАЊЕ НА ‘РБЕТОТ НАСТРАНА (НАЛЕВО ИЛИ НАДЕСНО)

Сколиоза - Деформација на ‘рбет која претставува искривување на ‘рбетот настрана. Ако ‘рбетот на целосно здрава личност изгледа исправено, тогаш, во случај на сколиоза тој е искривен надесно или налево и најчесто има облик на буквата S. Поради неправилно оптеретување, ‘рбетните пршлени постепено се изместуваат од својата оска, што значајно го зголемува оптеретувањето на дисковите помеѓу пршлените, што доведува до вкочанетост, непријатност, трпнење на екстремитетите, чести болки во вратот, рамената и ‘рбетот. Сколиозата може да се појави како последица на рамни стапала. Кога има рамни стапала, телото автоматски бара своја „удобна“ положба, а ‘рбетниот столб почнува да врши функција на амортизер.

Еден од првите симптоми на сколиоза е разлика во нивото на рамената и асиметрија во лопатките. Во почетниот стадиум (функционална сколиоза) се забележува асиметрично испакнување на едниот латерален дел на 'рбетот, што е отсутен во другиот, а во напредни случаи (структурна сколиоза) се забележува грпка или искривување на една од двете половини на градите напред и дијаметрално позади. Овој вид асиметрија, кој е долготраен и не се лекува со специјално избрани и структурирани вежби, доведува до дископатија, дискус хернија на различни нивоа и трајно оштетување на внатрешните органи.

КИФОЗА – ЗГОЛЕМЕНО ИСКРИВУВАЊЕ ВО ГОРНИОТ ДЕЛ НА ‘РБЕТОТ (ТОРАКАЛЕН ДЕЛ) КОЕ ДОВЕДУВА ДО СОЗДАВАЊЕ ГРПКА

Кифоза - Зголемено закривување во горниот дел на ‘рбетот (торакалниот дел) што доведува до создавање грпка. Кифозата често е пропратена со лумбална лордоза (зголемено лумбално искривување навнатре кон пределот на абдоменот) – т.н. кружно-вдлабнат грб. Слично како другите деформации на ‘рбет (сколиоза, лордоза), овој вид асиметрија/дисторзија доведува до вкочанетост, силни болки во ‘рбетот, рамената и вратот и го отежнува нормалното функционирање на внатрешните органи и ткива. Предуслови за развој на кифоза се: неправилно/подгрбавено држење (држење на телото), неправилна седечка положба, долготрајно седење и имобилизација, брз раст во пубертетот, несвесна желба за прикривање на градите во развој кај девојчињата, големи гради кај жените итн.

ЛОРДОЗА – ЗГОЛЕМЕНО ЛУМБАЛНО ЗАКРИВУВАЊЕ НАВНАТРЕ КОН ПРЕДЕЛОТ НА АБДОМЕНОТ (ЛУМБАЛЕН ДЕЛ – ДОЛНИОТ ДЕЛ ОД ‘РБЕТОТ)

Лордоза – Зголемено лумбално закривување навнатре кон пределот на абдоменот. Се забележува кај пациенти со опуштени стомачни мускули. Ова е состојба (проблем) која често се среќава и многу луѓе не ни помислуваат дека нивната положба е предуслов за силни болки во долниот дел од ‘рбетот во одреден период од нивниот живот. Зголемената лордозна закривеност е исто така предуслов за појава на лумбална дискус хернија поради поместување на тежиштето на човековото тело после бременост, подолго стоење во исправена положба, носење тежок товар итн. Зголемената лумбална закривеност често е пропратена со кифотичен став, или т.н. кифоза – кружно-вдлабнат грб.

Autor: Marusja Ivanova