7 cовети поврзани со говорот на телото што ќе ви помогнат да добиете работа

Дојдовте до фазата разговор за работа во процесот на селекција, но сè уште не сте подготвени да ја покажете својата најпозитивна страна? Говорот на телото има голема улога во тоа како другите нè доживуваат – подзгрбавено држење или скрстени раце пред себе очигледно се ставови на телото што треба да ги одбегнуваме, но кои се тие помалку очигледни? Малите промени што може да ги воведете во држењето на телото може да придонесат за севкупниот впечаток, како и во завршницата за добивање на работата за која сте се пријавиле и сте дошле на разговор.

  1. Што зборуваат вашите раце? Поигрување со косата или со вратоврската, стискање на чантата или на очилата подолго од потребното оддава впечаток за нервоза. Држете ги дланките во отворена позиција, на тој начин укажувате на искреност и отвореност спрема тоа што го слушате. Запомнете дека цврстото ракување е најбрзиот начин за воспоставување позитивен прв впечаток.
  2. Поглед: директен поглед в очи може понекогаш да биде застрашувачки, но трикот е во тоа да се отпуштите и да го слушате соговорникот. Насочувајќи се 100% на она што ви го кажува соговорникот, природно ќе го насочите погледот на неговите очи, а на тој начин ќе покажете интересирање.
  3. Слушање: благо навалување нанапред при слушање на соговорникот оддава впечаток дека сте заинтересирани и насочени.
  4. Забавете: размислете пред да дадете одговор на прашање и пробајте да не брзате низ одговорите. Доколку ви треба момент за размислување, земете си го. Паузирајте, размислете, одговорете – важно е да имате контрола над одговорите.
  5. Одберете позитивен пример: размислете која од медиумските личности, по ваше мислење, покажува добар говор на телото? Прегледајте ги нивните интервјуа во медиумите и погледнете дали вие може нешто да научите од нив и тоа да го употребите при разговорот за работа. Позитивен став и насмевка се секогаш клуч за успех!
  6. Облека за разговор за работа: пред да одите на разговор, проверете дали компанијата во која доаѓате има определени правила за деловно облекување, па својата облека усогласете ја со тоа. Деловната облека (костуми, комплети, вратоврски...) може понекогаш да е премногу за некои компании и работи, од друга страна, преголемата лежерност во облекувањето би можела да има негативно влијание на добивањето работа..
  7. Вежбајте: застанете пред огледало и вежбајте претставување и одговарање на поедноставни прашања како што се „Се гледате ли во нашата компанија?“ Во миг ќе сфатите што правите погрешно и што може да се подобри.
И доколку не ви е премногу да запаметите, уште еден многу корисен совет, обидете се да ги копирате позитивните знаци што гледате дека ги прави вашиот соговорник, испитувач. Доколку се насмевнати и опуштени, и вие обидете се да се опуштите и да се насмевнете.
И додека само добриот говор на телото нема да ви обезбеди добивање работа, секако ќе ви помогне да оставите впечаток на самоуверена и почитувана личност.