Најчесто поставувани прашања и совети за дополнување на исхраната




НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА И СОВЕТИ ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ИСХРАНАТА

ШТО Е ПРИХРАНА?

Прихраната претставува воведување нови прехранбени производи во исхраната на бебето, а кои не се мајчино млеко или млечни препарати за бебиња (жита, овошје, зеленчук, месо, риба...).
За прихрана се смета и преодниот период само од млечни производи во вообичаената исхрана како за другите членови од семејството.

КОГА СЕ ВОВЕДУВА ПРИХРАНАТА?

Прихраната се воведува помеѓу 4. и 6. месец од животот на детето, кога исхраната со мајчино млеко или со млечни препарати за бебиња не е доволна за да ги задоволи зголемените нутритивни и енергетски потреби на бебето.

Не се препорачува прихраната да се воведува пред 4. месец, бидејќи дигестивниот систем на бебето не е доволно развиен да свари таква храна. Прераното воведување на прихраната може да ја зголеми опасноста од алергиски реакции на храна, а може да доведе и до прерано одбивање на мајчиното млеко или на млечните препарати за бебиња.

Исто така, ако прихраната се воведе предоцна (по 6. месец од животот), можни се тегоби и отпор во прифаќањето нова храна.

КАКО ДА ЗНАЕТЕ ДЕКА ДЕТЕТО Е ПОДГОТВЕНО ЗА ПРИХРАНА?

Вашето бебе:
- седи со потпора
- самостојно ја држи главата и ја врти настрана
- го губи рефлексот со кој автоматски ја турка храната со јазикот низ уста
- голта храна што не е течна
- ја отвора устата кога ќе му се приближи лажица до уста
- ја врти главата настрана кога не е гладно
- покажува голем интерес за храна.

ПРАВИЛА ПРИ ВОВЕДУВАЊЕ ПРИХРАНА

- Запознајте го детето со продуктите едно по едно, за да се навикне  на новиот вкус,
- воведувањето нов вид храна треба да биде постепено – направете простор од неколку дена (4 до 5) за кога повторно ќе му дадете нова храна да уочите дали бебето ќе развие некоја негативна реакција од храната (алергија),
- во храната не додавајте зачини, сол и шеќер,
- на почеток, новата храната давајте ја во мало количество (неколку мали лажици), па постепено зголемувајте го количеството храна,
- хранете го бебето полека, лажица по лажица – бидете стрпливи и опуштени бидејќи секоја промена во храната е новост како за бебето така и за вас,
- првото давање на кашичката сфатете го повеќе како игра, а не како вистински оброк – доколку детето не ја прифаќа лесно храната, може да ставите мал дел на својот прст и така да му понудите. На секое бебе му е потребно време за да сфати дека тоа е нов начин на внесување храна.

РЕДОСЛЕД НА ВНЕСУВАЊЕ НОВА ХРАНА

Редоследот за воведување нова храна во исхраната на бебето не е толку важен и не влијае врз здравјето на детето. Единствено е важно да се избегнуваат потенцијални алергени во првата година. Наша препорака е да почнете прихрана со житни снегулки/кашички без глутен – од ориз или од пченка.

Иако е повообичаено да се воведе прво овошјето (круша, јаболко и банана) пред зеленчукот, не е лошо на бебето да му понудите прво зеленчук, поради понеутралниот вкус што го има. Ако прво се воведе овошјето, можно е бебето потешко да ги прифати зеленчукот и месото, бидејќи веќе се навикнало на благиот вкус на овошјето.

ХРАНАТА ВО ПРИХРАНАТА – ПО МЕСЕЦИ

Секое дете е индивидуа за себе, па во воведувањето нова храна треба да се консултирате со педијатар. Во продолжение следува упатство со датуми преземено од списанието „Бебе“ (Дарија Вранешиќ).


КОЈА ХРАНА ТРЕБА ДА СЕ ОДБЕГНУВА ВО ПРВАТА ГОДИНА НА БЕБЕТО?

Некоја храна може да предизвика алергиски реакции или други негативни реакции кај бебето и поради тоа би требало да ги одбегнува во првата година од неговиот живот. Најчести алергии се следниве:

- КРАВЈО МЛЕКО – алергијата од кравјо млеко е најчеста алергиска реакција кај малите деца. Кравјото млеко содржи дваесетина материи што може да предизвикаат алергиска реакција, а протеините на кравјото млеко се најчестите први непознати протеини со кои детето доаѓа во допир. Освен тоа, кравјото млеко содржи премногу протеини и минерали, што ги преоптоварува сè уште неразвиените бубрези на детето, а од друга страна, премалку есенцијални масни киселини, железо, витамини, селен и јод, кои се важни за правилен раст и развој. Единственото млеко што треба да се му дава на дете до една година е мајчиното млеко или млечен препарат за доење.
- ЈАЈЦА – белката е јак алерген и поради тоа јајцата би требало да се одбегнуваат. Жолчките може да се даваат од 9 месеци.
- МЕД – чистиот мед содржи бактерии што детскиот систем за варење не може да ги поднесе и може да предизвикаат ботулизам. Медот како додаток (на пример, во житните снегулки) не претставува никаква опасност.
- ЈАТКАСТИ ПЛОДОВИ – кикиритки, ореви, бадеми, лешници.
- РАКОВИ (јастог, морски ракчиња), ШКОЛКИ (школки, остриги, мали школки), РИБА (пастрмка, лосос, бела риба, штука, сардела, инчуни, гргеч, туна).
- СОЈА
- ЈАГОДИ